Почва

Хидрографска состојба

Формирањето на почвата е екстремно бавен процес и поради тоа почвата може да се смета како необновлив ресурс

Почвата е производ на дејствувањето на педогенетските процеси кои се обусловени од континуираното, заедничкото и меѓузависното дејство на хетерогените педогенетски фактори. Од педогенетските фактори би ги споменале:

  • релифот со различна надморска височина, експозиција и инклинација, хидрографските услови,
  • геолошките формации со различна старост и состав,
  • присуството на повеќе клими, како и
  • различни растителни асоцијации.

Поради долготрајното дејство на педогенетските фактори нашите почви во текот на времето се менувани, така што достигнале различен степен на еволуција. Кон ова треба да се додаде и долготрајното дејство на човекот кое ја има изменето насоката на природните педогенетски процеси во многу наши почви. Во просторот на нашата земја се јавува голема хетерогеност на почвените покривки. Тој е мошне мозаиен, што значи дека се менува на мали растојанија. Во Република Македонија има нешто повеќе од 30 почвени типови и уште повеќе поттипови, вариетети и форми.

Почвата е многу динамичен систем кој изведува многу функции и обезбедува сервиси значајни за активностите на човекот и опстанокот на екосистемите. Почвата има бројни еколошки функции, кои што се од суштинско значење за заштитата на животната средина, но и за економијата и напредокот на општеството во целост:

  • Почвата обезбедува храна, биомаса и други суровини.
  • Таа е платформа за човечките активности и е архив на геолошкото и археолошкото наследство.
  • Игра и централна улога како живеалиште и депо на гени на живите организми.
  • Почвата ја чува, филтрира и трансформира многу супстанции, вклучително и водата, хранливите материи и јаглеродот.
  • Во почвата се наоѓа најголемото депо на јаглерод во светот (1.500 гигатони).

Почвата е екстремно комплексен и варијабилен медиум. Структурата на почвата игра значајна улога во детерминирањето на нејзините способности за изведување на нејзините функции. Било кое оштетување на структурата на почвата ги оштетува и другите медиуми на животната средина и екосистемите.

Почвата е подложна на сериозни деградации. Тука се вклучени ерозијата, намалувањето на органските материи, локална и дифузна контаминација, отстранување/изземање, намалување на биодиверзитетот, салинизација, поплавување итн. Во комбинација сите овие деградации може да доведат, во аридни и субаридни климатски услови, до опустинување.

Влијанијата врз почвата кои ги предизвикуваат човечките активности постојано се зголемуваат, што предизвикува сериозни социо-економски последици.

Потребата од заштита на почвата и интегрираното управување со почвата се изнесени во Вториот Национален еколошки акционен план на Република Македонија 2006.

Република Македонија ја ратификуваше во 2002 год. Конвенцијата на Организацијата на Обединетите Нации за борба против опустинувањето, особено во земјите кои се соочуваат со сериозни суши — United Nations Convention to Combat Desertification (UNCCD).

Заштита на почвата

Ова мора да се постигне преку посебни мерки на политиката за заштита и управување на почвата, и вградување на прашањата за заштита на почвата во останатите секторски политики, односно во земјоделството, шумарството, управување со водите, транспортот и др.